Паѓа куповната моќ на населението низ Европа, покажуваат најновите податоци на „Евростат“. Животниот стандард опаѓа не само во помалку развиените држави, туку и во земји што традиционално се сметаат за економски постабилни.
Според европската статистика, во првиот квартал од 2025 година реалната потрошувачка на домаќинствата по жител се намалила за 0,2 отсто во еврозоната, а реалниот приход за 0,1 отсто. Во целата Европска Унија падот е уште поголем – потрошувачката по жител е намалена за 0,3 проценти, а приходите за 0,2 проценти.
Намалената потрошувачка е директен показател за ослабена куповна моќ, која, според економистите, е последица на растот на цените на производите и на долгогодишните последователни кризи.
„Гледано глобално, ефектите врз куповната моќ се очекуван одраз на неколку последователни шокови – пандемијата, војната во Украина, растот на цените на енергентите и храната, како и нарушените синџири на снабдување. Иако инфлацијата се смирува, ефектите врз реалните плати и животниот стандард сè уште се чувствуваат. Во следниот период глобалните геополитички тензии, како и неизвесноста околу трговијата, создаваат ризици за нови шокови. Сепак, ако не дојде до нови ескалации, се очекува постепено закрепнување на економиите и на куповната моќ во следниот период,“ вели Благица Петрески, извршна директорка на „Фајненс тинк“.
Таа додава дека, за разлика од европските трендови, во Македонија куповната моќ бележела раст. „Во Македонија, интересно е што куповната моќ на населението се зголемуваше; со исклучок на неколку месеци од 2022 година, платите растеа над растот на цените, што значи дека имавме позитивен раст на реалните плати. Разбирам дека перцепцијата на граѓаните може да е поинаква, меѓутоа ние во ‘Фајненс тинк’ ги следиме бројките, официјалната статистика и наодите од нашите истражувања. Овој раст кај реалните плати доминантно е движен од кусоците од квалификувана работна сила, кои на нашиот пазар на трудот се присутни веќе некое време и тие се рефлексија на т.н. тензија на пазарот на трудот, која ги турка платите нагоре, и може да се каже дека тоа е здрав притисок. Да напоменам дека пораснаа и други компоненти од доходот, како на пример пензиите, кои лани и годинава имаа голем раст од 5.000 денари поединечно, што сметано на просечната пензија е околу 20-25 отсто и е значајно над растот на цените,“ објаснува Петрески.
Таа укажува дека внимателноста во носењето и спроведувањето на економските политики ќе биде клучна во следниот период.
„Во следниот период носителите на политиките е важно да следат и да разграничат две тенденции. Првата е раст на доходите што не е проследен со создавање нова вредност во економијата, а особено раст што е поврзан со јавната потрошувачка. Овој тип на раст има јасен инфлаторен ефект, бидејќи зголемува побарувачка без да ја зголеми понудата. Вториот раст на доходите е оној што произлегува од констелацијата во економијата, растот на додадената вредност и состојбата на пазарот на трудот. Тој може да ја притиска инфлацијата преку зголемената побарувачка, но крие помалку опасности отколку првиот и не ја загрозува одржливоста на економијата,“ додава Петрески.