Словенечкиот претседател Борут Пахор нагласи денеска дека една од првите задачи при претседавањето на Словенија со ЕУ ќе биде деблокирање на почетокот на пристапните преговори со Македонија. Според него, тоа е „морално прашање“.
– Мислам дека треба да најдеме начин Бугарија да и даде зелено светло на Македонија, изјави Пахор за словенечката новинска агенција СТА.
„Тоа сега е морално прашање за Европа, а не само политичко“, додаде претседателот на Словенија, која ќе го преземе претседателството со ЕУ на 1 јули.
Тој додаде дека напредокот во проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е важен за стабилноста на регионот и дека ситуацијата сериозно ја покажува неодамнешниот указ на американскиот претседател Џо Бајден за замрзнување на имотот и забрана на секој што придонесува за дестабилизација на тоа подрачје.