Одбранбениот материјал и воената опрема што Грција ги испрати за Украина биле од резервите што ги има земјата, што не ги користи, не е клучен материјал за грчките вооружени сили и воопшто не влијае на одбраната на земјата, според министерот за одбрана на Грција Никос Панајотопулос, јави дописничката на МИА од Атина.

Панајотопулос одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот од СИРИЗА Теодорос Дрицас за грчкото оружје и воена опрема испратени во Украина, објасни дека Грција досега два пати испратила одбранбена опрема.

Првиот пат помошта не била испратена со еден лет или една рута, туку било потребно повеќе, додека пак вториот пат испратиле муниција, а дополнително ќе се финализира договорот со Германија за испраќање оклопни возила.

-Одлуката да ја зајакнеме Украина со воена опрема, односно украинските вооружени сили на терен да ги бранат своите суверени права по руската инвазија е одлука на Европската унија. Ова мислам дека е правната основа што ни е потребна, рече Панајотопулос и додаде дека дополнително, Грција одлуката ја донела за време на владиниот совет за национална одбрана по одржаниот состанок на 24 февруари.

Неколку пати повтори дека станува збор за залихи во магацините кои со текот на времето или биле заменети или надградени и требало или да ги бидат уништени или продадени.

Објасни дека во зависност од барањата, одговараат позитивно или негативно, односно за некој воен материјал велат дека можат да го испратат, за друг дека не можат.

-За она што мислиме дека влијае на нашиот одбранбен капацитет и ќе има слабеење, смело велиме: ’Не, овие не се достапни’. И секако додаваме дека не се достапни затоа што се развиени со причина, за заканата што чувствуваме дека ја имаме особено овие денови со делириумот на Турција, затоа што Грција се осмелува, гради сојузништва, ги надградува вооружените сили и тоа не му се допаѓа на некој. Оставете да не им се допаѓа на Турците. Но, она што ни треба и ни е неопходно, нема да го отстапиме, истакна Панајотопулос.

За утре е закажана седница на Комисијата за одбрана во грчкиот Парламент, на која се очекува Панајотопулос да информира за договорот меѓу Грција и Германија за оклопните возила што Атина ќе ги испрати во Украина, а за возврат ќе добие понови и посовремени тенкови од Берлин.

Министерот за одбрана на Грција рече дека за да се постигне договорот за германските оклопни возила постојат многу технички детали што треба да се разјаснат.