Македонските пчелари се новите, современи номади, кои бегајќи подалеку од урбаните средини во потрага по почист воздух и поразновидни билки, ги селат своите кошници се повисоко на планините. Статично пчеларство има сѐ помалку, а најубавиот мед, потенцираат производителите, се добива од „најшетаните“ пчели, пишува Слободен печат.
За повеќето, цената од 500 до 600 денари за килограм мед е превисока, ама за ова количество е потребно десетпати да се премести кошницата. Пчеларите се шегуваат на своја сметка и велат дека ем живеат здраво ем билдаат мускули.
– Сѐ помалку има статично пчеларство, а ние ги носиме кошниците сѐ повисоко. Крајот на август и почетокот на септември се последните денови за слободна паша на пчелите. Температурите се намалуваат, сѐ почесто врне, цвеќињата овенаа, па оттука за медоносните инсекти веќе нема храна на отворено. Пчелната заедница сѐ повеќе останува во кошниците, а тоа е знак дека почнува периодот на зазимување – објаснуваат за „Слободен печат“ пчеларите „Карафилоски“, кои се стационирани во Долнени, Прилепско.
Пчеларите велат дека за нашиот стандард цената на медот можеби е висока, но оригиналниот производ сѐ повеќе е дефицитарен. Климатските услови се главниот фактор што има сѐ помалку мед, има увоз, но и фалсификат производ.
– Не се може против времето, кое сѐ помалку ни оди на рака и нам и на пчелите – велат производителите.
Годинава беше малку подобра од лани, а квалитетот е одличен, вели за „Слободен печат“ микробиологот д-р Јане Марков, кој и самиот е пчелар. Според него, автентичниот македонски мед содржи микс од разни билки и има посебен шмек. Малите производители кои имаат до 1 тон мед, добија дозвола од Агенцијата за храна и ветеринарство да може да изнајмат штанд или да си отворат дуќан, но за извоз на оваа суперхрана не може да стане збор, бидејќи таа едвај ги задоволува локалните потреби.
– Нашите производи не се наоѓаат во маркетите, а купувачите може да се ориентираат според цената. Увозот на кинески мед е се поголем. Секој оној што ќе се дрзне да продава фалсификуван мед, ќе биде пријавен во АХВ, и ако по анализите се докаже дека медот не му е оригинален, тој веќе никогаш нема да биде пчелар – вели Марков.
На плоштадот „Македонија“ во Скопје, до недела се одржува третиот „Пчеларски саем на Македонија“, чиј главен покровител и домаќин е Град Скопје, а организатор е Пчеларската федерација на Македонија. На штандовите се изложени мед и пчелни производи од цела држава како и штандови со пчеларска опрема.
Пчелите го обожаваат поленот од билката драка
Микробиологот Марков открива дека пчелите просто го обожуваат поленот од билката драка (чалија), која ја има високо во планините и расте како плевел со ситни жолти цветови.
– Медот од оваа билка е со раскошен вкус и мирис и многу се бара. Купувачите, пак, кои го преферираат шумскиот мед, го бараат оној произведен од костен, даб, липа. Вистинскиот мед никогаш не се расипува и е богат со минерали, витамини и антиоксиданси, што го вбројува во суперхрана и суперлек. Затоа е битно да се има сопствен, наш мед, а притоа и автохтон вид на македонска пчела – вели Марков.
Државата го поддржува развојот на пчеларството, а субвенцијата за пчелно семејство е покачена од 600 до 800 денари. Ако до пред 10 до 15 години од едно пчелно семејство можеше да се добие по 20 до 30 килограми, денес за голем успех се сметаат добиените 10 килограми мед