Пандев знае дека на големите натпреварувања и најмалата грешка може да биде кобна. Веќе го нема притисокот кој го носи првиот меч на Европското првенство, па се надева дека фудбалерите денеска против Украина ќе ја израдуваат македонската јавност.
-Подготвени сме за Украина, мечот против Австрија е зад нас, пред нас е нова битка и се надеваме на поволен резултат, .Овој турнир е таков, ако направите една грешка, мало невнимание, натпреварот може да биде загубен. Свесни сме за нашите грешки, се надевам дека на мечот со Украина ќе ги поправиме, знаеме дека тие се многу квалитетна репрезентација со технички одлични индивидуалци. Добро ги анализиравме, треба да ја одиграме нашата игра, тактички треба да бидеме перфектни ако сакаме да извлечеме добар резултат. Дај боже да ја оствариме првата победа на едно големо натпреварување, вели Горан Пандев за „24ТВ“
Украина е составена од индивидуалци кои играат во одлични екипи, но и како колектив се добри, Шевченко направи една одлична репрезентација, тактички се многу добро поставени и познавајќи го Малиновски, мислам дека тој е еден од играчите кои можат да ни зададат голем проблем.
Бројките велат дека Пандев истрча речиси десет километри на мечот со Австрија, иако има речиси 38 години.
-Па мислам дека истрчав и повеќе од тоа, имав такво чувство, мислам дека бројките и не се реални, во Италија трчаме и по 11 километри. Физички сум добар, здравјето ме служи, на овие години малку ми е проблем со рекуперацијата после натпреварите, но добро е, сега имаме еден ден повоеќе да се одмориме и подготвени сме за Украина. Првиот меч беше емотивен момент, знаеме што значи по 30 години македонската репрезентација да игра на едно големо натпреварување. Знаевме дека мечот го следеше цела Македонија, го чувствувавме тоа. Изгоревме во преголемата желба. Сега се надевам дека ќе бидеме посмирени и ќе дојдеме до подобар резултат. Среќен бев за постигнатиот гол со кој влегов во историјата како прв стрелец за Македонија на ЕП, но тажен сум што тој гол не помогна за да направиме добар резултат, вели горан Пандев.