Рибата зајак нападна жена во грчкото туристичко место Пефкохори на Халкидики додека влегувала во морето, а по инцидентот завршила во локален здравствен центар. Жената за грчката телевизија ANT1 изјавила дека била на плажа со пријатели и влегла во водата, која ѝ била до колена, кога одеднаш почувствувала силна болка во ногата.
Неочекуван напад во плиткото
„Реков: ‘Нешто ме гризе и не ме пушта’. Погледнав надолу и видов огромна риба. Знаев како изгледа лагокефалосот, бидејќи претходно бев информирана. Сфатив дека е тоа, се исплашив и почнав да ја тресам ногата за да се ослободам, бидејќи ме касна и не ме пушташе. Веднаш излегов од морето, бев во паника и почнав да плачам“, раскажала жената.
Што открила повредената
Таа нагласила дека имала среќа, бидејќи рибата ја каснала во пределот на глуждот, каде што коската спречила подлабоко оштетување.
„За среќа, ме касна точно преку коската на глуждот, па забите не успеаја да навлезат подлабоко во ткивото. Сепак, ми остави голема и видлива рана“, изјавила повредената жена.
Каква помош добила
Луѓето кои биле на плажата веднаш ѝ укажале прва помош и успеале да го запрат крварењето, по што била пренесена во локален здравствен центар. Таму примила серум против тетанус, антибиотска терапија, а раната била исчистена и санирана.
