„Купи ден-помини“ политиката на СДСМ удри и по пензионерите. Лицемерието стана заштитен знак на СДСМ и ДУИ. Лажната грижа и празните зборови на СДСМ и ДУИ вчера излегоа на површина, истакна Ели Панова, заменик – координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

-Пратениците од владејачкото мнозинство на пленарната седница која што се одржа вчера, без око да им трепне, го одбија законското решение на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за зголемување на сите видови на пензии. СДСМ и ДУИ вчера покажаа како и што мислат за пензионерите во Република Македонија. Тие јасно покажаа дека не сакаат вистинско законско решение кое ќе значи вистинско зголемување на сите видови на пензии. Тие одбија закон со кој баравме зголемување на вкупниот износ на исплата на сите видови пензии за април за 20%. Тие одбија закон со кој имаше можност преку комисиска расправа да се обезбеди зголемување на пензиите линеарно по 3 000 денари за секој пензионер, се со цел да нема осетливи разлики во зголемувањето на пензиите. Меѓутоа, за жал пратениците од власта ова не ги интересира. Нив воопшто не им е гајле како оваа категорија на граѓани односно пензионите се справуваат со ценовните шокови и поскапувањата кои што се случуваат секојдневно во Република Македонија. СДСМ и нивната погубна економска политика ги доведе и пензионерите на работ на егзистенција кои секој месец едвај врзуваат крај со крај, обвини Панова.

Таа оцени дека СДСМ едно зборува, друго прави.

-Вчера го одбија ова законско решение, а веќе од денес повторно ќе продолжи да ветува и напразно да зборува. Повторно ќе бидеме сведоци на нивната скапа ПиАр политика дека тие искрено се грижат за пензионерите, а дека ВМРО-ДПМНЕ е против зголемување на пензиите и подобрување на стандардот на оваа категорија на граѓани. Веќе видено и веќе оддамна прочитано од јавноста. Залудни ќе бидат обидите на СДСМ и нивните пратеници вината да ја префрлат на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што вчера се случи, одбивајќи го нашиот предлог на закон е јасен показател дека за СДСМ се важни само евтините и политикантски ПиАр мерки и партиски интереси, а не вистинските потреби на граѓаните кои навистина ќе донесат подобро утре за сите. Се изнаслушавме разни оправдувања и обвинувања од страна на СДСМ со цел да се испере од својата одлука за гласање против зголемувањето на пензиите, но сепак и тие самите знаат дека ова веќе не им поминува. Самите знаат дека повеќе нема да смеат да им погледнат во очи на пензионерите. На секој пензионер во нашата држава му стана јасно чии интереси штити СДСМ и тоа ќе го казни на следните избори. Ова што СДСМ го направи нема да помине кај народот. На крајот, ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, но и како предлагачи на законот, изразуваме длабока разочараност од одлуката на колегите пратеници од СДСМ и мнозинството. Се надеваме дека во иднина колегите пратеници од мнозинството ќе престанат да бидат само гласачка машина на штетни закони и ќе почнат да работат во интерес и за доброто на сите граѓани на Република Македонија, истакна пратеничката.