Околу 600.000 верници се пријавиле за учество на големата миса што папата Лав XIV денеска ќе ја одржи на Плоштадот Конкорд во Париз, соопшти Католичката црква. Со богослужбата во француската престолнина продолжува четиридневната посета на поглаварот на 1,4 милијарди католици во светот на Франција.

По мисата, папата попладнево ќе отпатува во Лурд, на југозападот од земјата. Според католичката традиција, во 1858 година таму Пресвета Богородица ѝ се појавила на младата Бернадет Субирус.

На почетокот на посетата, папата Лав XIV вчера беше примен од францускиот претседател Емануел Макрон. За време на средбата тој ја призна Франција како земја на човековите права, но истовремено го критикуваше новиот закон со кој се дозволува еутаназија, како и правото на абортус, кое е загарантирано со францускиот Устав.

Ова е прва посета на папата Лав XIV на Франција. Неговото патување ќе заврши в понеделник во Мец, град во близина на француско-германската граница, каде што е предвидено да одржи говор посветен на Европа.

Во Франција повеќе од еден век е во сила строга поделба меѓу црквата и државата, со исклучок на неколку региони во источниот дел од земјата. Во државните училишта нема веронаука, а Макрон не планира да присуствува на ниту една од мисите што ќе ги одржи папата.