Папата Лав ќе ја посети Јужна Америка во ноември, каде што ќе престојува во Уругвај, Аргентина и Перу. Ватикан денеска соопшти дека посетата ќе трае од 6 до 17 ноември и ќе биде една од неговите најзначајни пасторални патувања досега.
Според најавата, папата ќе биде во Уругвај од 6 до 8 ноември, во Аргентина од 8 до 11 ноември, а во Перу од 11 до 17 ноември.
Лав, кој е првиот папа роден во САД, има и перуанско државјанство. Во Перу поминал повеќе децении како мисионер и бискуп, а од 2015 до 2023 година беше бискуп на Чиклајо, во северозападниот дел на земјата.
За време на престојот во Перу, Лав ќе ги посети Чиклајо, Лима, Куско и Пукалпа. Во Аргентина се предвидени посети на Буенос Аирес, Кордоба и Лухан.
Во Уругвај, пак, папата ќе престојува во Монтевидео, Пајсанду и Флорида.
Ватикан засега не соопшти дополнителни детали за неговата програма. Оттаму најавија дека целосниот распоред на посетата ќе биде објавен подоцна.
Ова ќе биде прва посета на еден папа на Јужна Америка по патувањето на покојниот папа Франциск во Чиле и Перу во 2018 година.
Франциск, кој беше Аргентинец и првиот папа од американскиот континент, за време на својот понтификат никогаш не ја посети Аргентина, земјата во која е роден.