Јас јавно кажувам дека тоа нема да го потпишам, па и по цена дури и да бидам сменет од функцијата директор на Државниот пазарен инспекторат, вели Стојко Пауновски во изјава за „Фактор“, зборувајќи за 35 вработени по Рамковен договор кои министерството на Артан Груби сака да ги направи инспектори, иако не сите се квалификувани и одбиваат да работат во други градови.
Јас испратив писма со аргументи и до премиерот, и до вицепремиерот, во кое детално објаснувам зошто нашата институција не може да ги прифати сите овие 35 вработени, туку можеме да прифатиме само 12 од нив. Досега немам добиено реакција на ова писмо, но можам да потврдам дека ниту премиерот, ниту било кој друг од Владата не ми се јавил да врши притисок врз мене за да го потпишам решението за нивно примање. Јас јавно кажувам дека тоа нема да го потпишам, па и по цена дури и да бидам сменет од функцијата директор на Државниот пазарен инспекторат. Јас сум политички дојден на таа функција и може и политички да бидам сменет, и нема да се лутам за тоа, но нема да попуштам на ниедна сила и тоа да го потпишам. Мора некој да застане на патот на ваквото однесување, дециден е Пауновски во изјавата за „Фактор“.
Тој додава и дека и без тие 35 вработени, процентот на вработени Албанци во ДПИ е дури 40 отсто, што значи дека имаме дури и повеќе од потребниот процент за избалансираност, а сега со овие 35 вработени, тој процент уште повеќе ќе се зголеми.