Канада ќе продолжи да биде еден од најважните партнери на Соединетите Американски Држави и покрај трговскиот спор што сериозно ги затегна односите меѓу Отава и Вашингтон, изјави канадскиот премиер Марк Карни. Пораката ја упати на дводневниот инвестициски самит во Торонто, организиран во време кога Канада се обидува да ја диверзифицира економијата и да привлече нов капитал, пренесе „Еуроњуз“.
„Сакам да им кажам на нашите американски пријатели: секогаш ќе бидеме соседи, а Канада ќе продолжи да биде најважниот партнер на САД во многу клучни области“, изјави Карни на самитот во вторникот.
Тој нагласи дека блиските врски меѓу двете земји биле одржувани и во периоди на меѓусебни несогласувања.
„Дури и во времиња на несогласувања низ нашата долга заедничка историја, секогаш сме одржувале блиски врски“, рече канадскиот премиер.
Карни вети дека, кога условите во иднина ќе го овозможат тоа, Канада ќе стане „уште подобар партнер“ на САД.
„Ќе бидеме посилни, поотпорни, понезависни и подготвени да ги унапредиме нашите заеднички економски и безбедносни интереси“, изјави тој.
Дводневниот инвестициски самит, најавен како прв настан од ваков вид во Канада, собра глобални инвеститори, канадски деловни лидери и претставници на јавниот сектор.
Преку самитот, Отава настојува да го прошири кругот на економски партнери и да обезбеди нов капитал. Целта на канадската влада е во следните пет години да привлече инвестиции во вредност од еден трилион канадски долари.
Во соопштението што кабинетот на Карни го објави подоцна во вторникот се наведува дека самитот резултирал со нови инвестициски заложби во вкупна вредност од речиси 500 милијарди канадски долари.
Во оваа сума се вклучени речиси 100 милијарди канадски долари нов капитал во канадски имот, 325 милијарди долари ново финансирање за канадските компании и инфраструктурата, како и повеќе од 14 милијарди долари за деловен раст и стратешки сектори.
Самитот се одржува во период на засилен трговски спор меѓу Канада и САД, кој ескалираше минатиот месец. Тогаш пропаднаа преговорите за постигнување договор со кој требаше да се избегнат високите царини за одредени канадски производи.
По неуспехот на преговорите, кон крајот на август стапија во сила американски царини од 50 отсто за канадски производи во вредност од околу 28 милијарди долари.
Отава возврати со контрацарини од 15, 25 и 50 отсто за американски увоз во вредност од приближно 27,6 милијарди долари.
