Легендарниот бразилски фудбалер Пеле му го честита на Португалецот Кристијано Роналдо враќање во редовите на премиерлигашот Манчестер јунајтед.
Роналдо вчера потпиша двегодишен договор со клубот од „Олд трафорд“ за кој со голем успех настапуваше од 2003 до 2009 година.
– Нема поубаво чувство од тоа да го освоиш светот и да се вратиш дома. Биди секогаш среќен, Роналдо, напиша Пеле на Инстаграм профилот на португалскиот репрезентативец.
Роналдо брзо одговори на честитката од Пеле.
– Секогаш е одлично да се вратиш во домот во кој веќе бев среќен. Ви благодарам многу на поддршката, напиша Роналдо, кој на 292 натпревари за Јунајтед постигна 118 голови, освојувајќи, притоа, три титули во Премиер лигата, како и Лигата на шампиони, ФА куп и два Лига куп трофеи.