-Потребно ни е поголемо инвестирање во медиумите со цел да ги поддржиме во справувањето со дезинформациите. Во таа насока, би сугерирал итна измена на законската рамка онаму каде што ќе се процени дека е тоа неопходно, но, не помалку и доследна имплементација на постојната регулатива. Исто така, потребно е да ги поддржиме саморегулаторните механизми во медиумската сфера, како и платформите за проверка на факти. Треба константно да се работи на подигнување на нивото на медиумска писменост кај јавноста, за граѓаните да можат полесно да ги разликуваат вистината и фактите од манипулациите. Така ќе помогнеме во развивањето на институционален и личен имунитет кон опасниот вирус на лажните вести и пропагандите, рече Пендаровски.
Тој додаде дека борбата против дезинформациите мора да се води паралелно со борбата за вистински медиумски слободи и слободата на говорот како фундаментално човеково право и врвно цивилизациско достигнување.
Шефот на државата посочи дека кампањите на дезинформирање ја поларизираат јавната дебата, негативно влијаат врз политичките процеси, ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и ја еродираат општествената кохезија. Поради нивниот потенцијал да ги поткопуваат демократските вредности, дезинформациите можат да ја дестабилизираат и самата држава.
-Токму затоа, многу држави во светот ги препознаваат и ги третираат дезинформациите како една од приоритетните закани за нивната национална безбедност. Во неодамнешниот стратешки извештај за сопствениот капацитет во оваа област и Европската Унија констатира дека кампањите за дезинформирање се една од главните форми на притисок врз демократските модели на владеење, рече Пендаровски.
Според него, пандемијата на Ковид-19 конкретно ни покажа колкава штета може да предизвикаат лажните вести.
– Не само кај нас, туку и во целиот свет, таканаречената инфодемија ја намалува ефективноста на политиките и мерките за справување со пандемијата, го зголемува колебањето на луѓето да се вакцинираат и конечно, ја заострува јавната дебата по ова прашање. Со поткопување на довербата во медицинската наука и професија и генерално, во здравствените системи и институции, инфодемијата стана закана и за јавното здравје и за животите на луѓето, рече Пендаровски.
Покрај Пендаровски, на оваа конференција посветена на медиумската писменост, се обратија евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, а високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската Комисија Жозеп Борел имае видеообраќање.
Ова е втора конференција што се организира во овој формат со поддршка од Европската Унија. Таа е конципирана врз основа на резултатите од Конференцијата за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан што беше организирана во 2020 година во Сараево и Бања Лука и многубројни иницијативи на оваа тема поддржани од Европската Унија.