Политичките случувањата, оценува, се уште се одвиваат во рамки на Парламентот, низ процедура, и тоа е добро. Лошо ќе биде, вели, ако се прелеат на улица.
Како што рече Пендаровски во вечерашното гостување на ТВ Сител, најголемата заблуда е дека тој во ваков случај треба да свика лидерска средба.
Шефот на државата останува на ставот дека оставката што ја поднесе премиерот Зоран Заев е избразана одлука, но тоа, потенцира, е веќе завршена работа.
-До овој момент не сме влезени и не верувам дека ќе влеземе во бугарско сценарио зашто тоа значи дека ниту една од партиите не може да направи мнозинство и мора да се оди на предвремени избори. Мислам дека одолговлекувањето е само зашто најавата на Заев е дека би сакал прво да го избере партискиот лидер па тој потоа да биде мандатар на новата влада, истакна Пендаровски.
Тој е дециден дека немал дилеми, ниту какви било двоумења на кого да го даде мандатот кога требаше да се гласа доверба на Владата во Собранието и кога имаше „трка“ околу мнозинството.
-Јас бев на чисто што ќе правам во однос на мнозинството. Прво се гласа недоверба на Влада, па бираш нова со мнозинство од 61 пратеник. Ако ја срушеа Владата со 61 пратеник, ќе беше легитимно на втората по бројност пратеничка група, ВМРО-ДПМНЕ, да и се даде мандатот. Ако останеше тоа мнозинство и кога требаше да се бира новата влада, допволен ќе беше само телефонски повик од лидерот на опозицијата и тука Уставот не остава простор, мора да се даде мандатот на тие што го имаат мнозинството, објасни шефот на државата.
Во однос на спорот со Бугарија, Пендаровски порача да се скоцентрираме на оние кои евентуално ќе направат нова влада. Радев, потсети Пендаровски, во моментов е единствената функционална институција и таква ситуација во Бугарија може да има до 14 декември.
-Можеме да разговараме што тие мислат. Што бараме да зборуваме за Самоил, ако критериумот е ЕУ?, рече Пендаровски.