Претседателот Стево Пендаровски ги потпиша петте закони со кои ќе се забрза работата на коридорите 8 и 10д од страна на компаниите „Бехтел и Енка“.

Како што соопшти Пендаровски, најспорниот од нив, законот за измена на Законот за работни односи, го потпишал бидејќи спорната одредба со која се предвидува 60-часовна работна недела не е дел од него, или како што рече „текстот на усвоениот закон не ја содржи оспорената одредба на Уставниот суд“.

Тој сепак нагласи дека Уставниот суд и натаму го има последниот збор и може да ја оцени уставноста и на овој нов закон. Тој исто така нагласи дека сите закони се усвоени со пропишаното мнозинство, но со жалење констатираше дека, место да се отвори дебата за суштината на законите, тие биле „потребени и злоупотребени“ од мал број субјекти за поларизација на општеството, така што расправата за законите се претворила во расправа за нашите стратешки аспирации.

Тој ја одби сугестијата дека калкулирал со поддршката за реизбор за втор мандат, порачувајќи дека на јавноста и е познато дека изнесувал и ставови спротивни на владата и покажал дека „размислува со своја глава“.

Запрашан за коментар околу одлуката на Холандија да го стави во мирување проектот од милион евра за Судскиот совет и дали ќе ги повлече двата члена што се таму по негов предлог, Пендаровски рече дека не се проблем само тие двајца туку целиот состав на Советот, кој се избрукал пред македонската јавност со својата работа и дека би сакал да види како меѓународните спонзори ги повлекуваат проектите и парите не само од ова тело и од судството вооопшто, туку и од медиумите и невладините организации кои сите овие години работат со европски пари против европските интереси.