Претседателот Стево Пендаровски на крајот на идната недела ќе отпатува за Њујорк за да учествува на годинешното Генерално собрание на Обединетите нации. Тој ќе биде еден од ретките шефови на држави или влади кои ќе присуствуваат физички на Генералното собрание, бидејќи повеќето и годинава ќе се обраќаат со свои говори преку видео врска.
Ова треба да биде прв чекор кон враќање во нормалата откако лани поради епидемијата со Ковид 19 сесијата на Генералното собрание се одржа виртуелно.Од ОН порачаа дека има многу теми за расправање, откако поради епидемијата и други причини светот стана многу расцепкан и разединет, состојбата со климатските промени станува вонредна, а нееднаквоста во светот и натаму се зголемува.
Од Обединетите нации соопштија дека се уште немаат целосен список кои лидери ќе се појават лично на Генералното собрание, но веќе се знае дека меѓу нив ќе биде и претседателот на САД, Џо Бајден.