Шефот на државата утре во Загреб со државни и воени почести ќе биде пречекан од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, по што ќе се одржи тет-а-тет средба меѓу двајцата шефови на држави и пленарен состанок на делегациите на двете земји.

Шефот на државата Пендаровски ќе оствари средби и со претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ и со пемиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ.

В четврток, претседателот Пендаровски ќе се обрати на билатерална деловна средба – со фокус на инвестиции, која се организира во соработка со Хрватската трговска комора, а на која ќе присуствува и македонска бизнис делегација.

За време на официјалната посета на Хрватска, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска.