Македонската армија денеска одбележува 31 година од нејзиното формирање. Претседателот на државата и врховниот командант на Армијата порача дека корупцијата, непотизмот и криминалот се најголемата закана за безбедноста на земјата. Потенцираше дека во наредните десет години Македонија мора да одвои 955 милиони евра за модернизација и опремување на АРМ.
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска ја потенцираше важноста дека земјава ѝ помага на Украина како единствен начин да биде на вистинската страна на историјата.
Христијан Мицкоски на социјалните мрежи упати честитка за денот на армијата но повторно со критики до актуелната власт.
18 август, честит ден на Армијата на Македонија и ден кога ќе стане јасно дека власта не е посилна од народот. Не за Уставни измени под бугарски диктат!
Претседателот Пендаровски денеска одликуваше 60 припадници на Армијата со Медал за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на државата- признание кое за прв пат се доделува кај нас. Додека пак министерката Петровска додели чинови на унапредени старешини. Делегации од министерството за одбрана и Армијата на градските гробишта Бутел утрово положија свежо цвеќе на Партизанските гробишта и на вечните почивалишта на претседателот Борис Трајковски, претседателот Киро Глигоров и генералот Михаило Апостолски. На денешната церемонија присуствуваше државниот и армискиот врв. За припадниците на Армијата највисокото признание, велат, не се ордените и медалите, туку довребата која во нив ја имаат граѓани.