-Драги сограѓани од албанска националност,

Нека ни е честит 22 Ноември, Денот на албанската азбука. Најискрено ви посакувам празникот да го минете, пред сè, во добро здравје, радост и благосостојба.

Унифицирањето на албанската азбука кое се случи пред 113 години во Битола не беше само пресвртен момент во кодифицирањето на албанскиот јазик и негово етаблирање, туку и клучен културен, духовен и национален потфат на албанскиот народ. Оттука, 22 Ноември има суштинско значење за Албанците и не е само нивен национален празник, туку датум кој со пиетет го чествуваат сите граѓани во нашата мултикултурна и мултиетничка Република Северна Македонија.

Живееме во навистина комплексно и неспокојно време. Токму сега треба да покажеме дека сплотеноста, солидарноста, меѓусебното уважување и почитување, ќе продолжат да бидат наш сигурен бедем пред сите предизвици и тешкотии кои ги живееме. Да не губиме волја и надеж, и да работиме за просперитетот и за благосостојбата на сите наши граѓани

Честит 22 Ноември, стои во честитката од Пендаровски.