Самата информација содржи 6 реченици од кои една е наслов. На самата доставена информација од влада до пратениците потпишан е Ковачевски, а тоа што сакам да му го кажам дека немало поголемо понижување кон собранието и пратениците да се достави ваква информација. Оваа информација е доставена само да се каже дека е доставено нешто, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Златко Пенков, на денешната собраниска седница.
Тој посочи дека ова што се случува е резултат на повеќе потези кои почнаа со Зоран Заев кој на 1 август 2017 изјави дека затворивме прашање со кое се трасирал патот на добрососедство.
Од тој момент, ниту има сегашност ниту видовме иднина. Закопани сме во минатото во средниот темен век на инквизиција и потоа доаѓаме до 20 век каде фашистичкиот окупатор го нарече администратор. Бугарите беа и запишани се во историјата како дел на фашистичката коалиција. Со Преспанскиот договор се сведовме на три црти во графата националност, а сега го губиме јазикот, станува дијалект на бугарскиот јазик, истакна Пенков.
Пенков нагласи дека 27 земји членки има ЕУ, но тие не изгубија ништо од своите атрибути.
Само за Македонија има дополнителни критериуми, се бара промена на Устав, се бараат уставни измени и тоа е апсурд и преседан. Какви Копенхашки критериуми? Која земја членка на ЕУ го преживеала ова што ние сега го преживуваме? Апсолутно не доаѓа предвид промена на Уставот, рече тој.
Пенков потенцира дека во 21 век на македонскиот народ му се случува асимилација.
Тоа се прави и тие отстапки се бараат заради фрустрациите на одредени политичари како кај нас, така и во соседните држави. Нема што да му понудат на својот електорат и мора постојано да ја вадат темата, да барат поткусурување, истакна Пенков.