Претседателот на шпанскиот прволигаш Реал Мадрид, Флорентино Перез, изјави денеска дека 12. клубови, кои ја основаа фудбалската Супер лига не можат да го напуштат проектот поради обврзувачките договори.

– Не треба да објаснувам што претставува обврзувачки, но тоа значи дека клубовите не можат да ја напуштат Супер лигата, рече Перез во интервју за шпанскиот весник „АС“.

Перез повтори дека проектот не е мртов и ќе заживее по период на размислување и редефинирање на концептот.

– Некои од клубовите, поради притисоци, рекоа дека заминуваат. Меѓутоа, овој проект, или еден друг многу сличен, ќе оди напред и тоа, се надевам, многу брзо, додаде Перез.

По напуштањето на проектот на девет од 12-те основачи, на Супер лигата и беше зададен уште еден тежок удар во петокот, кога американската инвестициска банка „Џеј Пи Морган“, која на клубовите основачи планираше да им додели 3.5 милијарди евра неповратни средства, објави дека „погрешно го проценила проектот“.

Првиот човек на Реал, меѓутоа, рече дека банката сè уште учествува во проектот.

– Не е вистина дека се повлекоа. Одвоија извесно време за размислување, токму како што направија и 12-те клубови. Ако треба да направиме промени, ќе ги направиме, но Супер лигата е најдобриот проект што го смисливме, изјави Перез.

Реал Мадрид, Барселона и Јувентус се трите екипи, кои не се повлекоа од Супер лигата.