Американскиот предлог за воведување царини за руската нафта ќе значи дека купувачите ќе мора да платат повеќе или да бараат други добавувачи, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Американската министерка за финансии Џенет Јелен вчера кажа дека Европската унија би можела да ги комбинира увозните давачки за руската нафта со постепеното ембарго за нафта, што се обидува да го наметне, за да ги намали руските приходи од енергенсите, како дел од шестата рунда санкции против земјата поради инвазијата на Украина.

Концептот на царини ќе биде претставен на состанокот на министрите за финансии на седумте најголеми светски економии на Г7 неделава како економски најевтин начин приходите од нафта да се извлечат од Москва, со истовремено постигнување побрзи резултати, изјавија претставници на американското Министерство за финансии.

Со оглед на фактот дека руската нафта се продава со попуст во однос на глобалната референтна вредност, царината би можела да се постави на нивото што би го покривало делот од тој јаз и на тој начин би го намалил рускиот профит, изјавија американските власти.

Но, царината треба да бидат доволно ниски за Русија да заработи повеќе од трошоците за производство, што ќе и даде поттик да продолжи да извезува, додаваат тие.

Со задржувањето на руската нафта на пазарот би се избегнал натамошниот потенцијален скок на цената на нафтата поради намалената понуда.