Пристап до европскиот пазар како поттик за реформите
Пет земји-членки на Европската Унија предложија постепена и систематска интеграција на земјите од Западен Балкан во клучните сектори на единствениот европски пазар уште пред нивното полноправно членство.
Во нон-пејперот потпишан од Австрија, Чешка, Италија, Словачка и Словенија се наведува дека ваквиот модел треба да се применува врз основа на постигнатите резултати во усогласувањето со европското законодавство и владеењето на правото.
Документот предвидува секторска интеграција како меѓучекор кон целосно членство во Унијата, но и заштитни механизми во случај на назадување на државите кандидати.
Фокус на енергетика, транспорт и дигитален пазар
Во документот, објавен од медиумот Table.Media, се оценува дека пристапот до единствениот европски пазар може да биде силен мотиватор за граѓаните и политичките лидери да продолжат со реформите.
Како можни области за постепена интеграција се посочуваат зелените коридори, енергетскиот пазар, пазарот на електрична енергија, единствениот дигитален пазар, транспортот, логистиката, политиките за критични суровини и мобилноста на младите.
Предлогот претставен во Братислава
Документот бил претставен од австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер на состанокот на групата „Пријатели на Западен Балкан“ и западнобалканската шесторка во Братислава.
Таа порача дека крајната цел останува полноправно членство во Европската Унија, но дека процесот на проширување треба да се одвива по фази, со примена на квалификувано мнозинство при носењето одлуки за меѓучекорите.
