Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостувањето во централниот Дневник на Сител телевизија се осврна на бенефитите од стратешкиот договор со Велика Британија односно за многуте инвестиции што ќе се реализираат во повеќе сектори, од кои и во здравствениот сектор, при што ги наведе проектите кои се планираат да се реализираат во таа област кои се од големо значење за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

„Веќе имаме согласност за изградба на Клиничка болница во Штип тоа за источниот дел е децениски проблем, оваа болница после Клиничкиот центар во Скопје треба да е најголема во Македонија. Второ изградба на Медицински факултет комплетно нов тоа е во делот на образованието и трето студентски дом којшто би бил во поддршка на Медицинскиот факултет со најмалку 200 легла. Понатаму четвртиот проект е целосно реконструкција на Клиничката болница во Тетотово и петто изградба на нова болница со нов Здравствен дом во Кичево“, истакна вицепремиерот Николоски.

Тој во своето гостување истакна дека е од суштинско значење да се направи голем и модерен Клинички центар во Скопје, кој што би бил од голема помош за граѓаните во Македонија.

„Ова се пет би рекол пилот проекти, коишто доколку се реализираат како што би требало, амбицијата е во втора фаза, веќе да размислуваме и за други региони, да размислуваме за Охрид, Битола, Прилеп. Исто така наша амбиција и е модерен клинички центар во Скопје во моментов правиме една голема реконструкција на Градската болница „8-ми Септември“, во соработка помеѓу Министерството за транспорт, Министерството за здравство и ТАВ, тоа ќе го реши проблемот на еден среден рок, така што амбицијата е да размислуваме за голем Клинички центар во Скопје кој ќе служи за цела држава како терциерно здравство“, рече Николоски.

Тој додаде дека ова е само почеток на инвестициите кои ќе се прошират и во други сектори.

„Ова е стартот, секако дека се отворени можности и за други сектори, и како ќе поминува времето ќе излегуваме со информации и за други сектори, она што сакам да го кажам е дека ова се инвестиции кои се враќаат три до четирикратно“, истакна Николоски.