СВР Скопје ќе поднесе кривична пријава против пет малолетници од Скопје поради сомнение за сторено кривично дело „насилство“, во врска со бруталното претепување на 13-годишно момче во скопската населба Влае.
„СВР Скопје по целосно документирање на случајот ќе поднесе кривична пријава против пет малолетни лица од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘насилство’“, информираат од МВР.
Нападот се случил на 18 октомври, околу 00:30 часот, на плоштадот „Делфина“ во Влае, односно во ноќта меѓу саботата и неделата. Мајката на момчето, 39-годишна жена, истиот ден во 15:30 часот го пријавила случајот во полиција.
За бруталното насилство јавноста дозна откако мајката објави детали за нападот врз нејзиниот 13-годишен син. Според нејзиното сведоштво, група од 15 до 20 деца, претежно на возраст од околу 16 години, го нападнале момчето, оставајќи го со тешки повреди, модринки, повреди на главата и скршени заби.
Таа раскажа дека момчето најпрво било турнато во круг, а потоа повеќе деца почнале да го удираат и да го туркаат од едно кон друго. Според нејзиното сведоштво, при нападот бил употребен и метален боксирач, а најголем дел од ударите биле насочени кон главата на детето.
