По два месеци на позицијата лидерот на Македонски Концепт, Петар Богојевски заминува од функцијата директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Информацијата за брзото заминување од оваа функција ја објави самиот Богојевски по денешната средба со премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Договорена е прераспределба на позиции и институции кои ќе ги раководи Македонски Концепт во рамки на извршната власт, со што потврдено е дека претседателот на Македонски Концепт д-р Петар Богојески ќе раководи со друга институција”, пишува во соопштението од Македонски концепт.
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е Јавна Институција која е формирана со Закон донесен од страна на Собранието на Република Македонија а која се финансира со пари од Европската Унија.
Целта на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е да работи на промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката, младите и спортот во Република Македонија.
Целото соопштение на Македонски концепт по средбата со премиерот Христијан Мицкоски во продолжение:
Прво, потврдена е добрата соработката во рамки на Коалицијата „Твоја Македонија”.
Второ, дадена е позитивна оценка за досегашното функционирање на Владата на Коалицијата со назнака за дополнителен фокус во одредени подрачја од политичките приоритети.
Трето, договорен е заеднички настап на следните Локални избори 2025 година, при што споделено е убедување во голема победа.
Четврто, договорена е прераспределба на позиции и институции кои ќе ги раководи Македонски Концепт во рамки на извршната власт, со што потврдено е дека претседателот на Македонски Концепт д-р Петар Богојески ќе раководи со друга институција.
Македонски Концепт ги достави своите сугестии за програмските приоритети на Владата за наредната година, за што јавноста ќе биде навремено информирана.