Продолжуваме со дискусија по сетот на закони кои значат беззаконие, продолжуваме со дискусија по сетот на посебни закони за кои законите нема да важат и продолжуваме со дискусија по однос на сетот на закони чии празни кореспондентни табели и европски знаменца, ќе сведочат за тоа како власта под превезот стратешки интерес, на брза лента го протнува криминалот, вели пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска од собраниската говорница.

Таа рече дека денес на дневен ред е предлог законот за изменување и дополнување Законот за експропријација, кој е во функција на незаконското работење на власта предводена од ДУИ и послушникот Социјалдемократскиот сојуз.

„Немаме договор на увид, имаме празни кореспондентни табели за усогласеност со европското законодавство, кое треба да биде основ за усогласување. Имаме премиер кој мафташе со зелено знаменце за да почне градба која не смее да почне, имаме таен договор за јавните пари. Да објаснам поедноставно, имаме закон со кој досегашниот закон нема да важи, што значи дека со оваа власт нема разлика помеѓу законското и незаконското. Имаме закон со кој иста вредност има легалното со нелегалното, и имаме закон со кој исто тежи и законот и криминалот“, истакна Петкоска.

Оттука, додаде Петкоска, најсоодветно име за овој закон е Закон за изедначување на правото со криминалот или Закон за бранење на правото со неправо.

„Со законските измени по потпишаниот договор за изградба на автопатиштата, власта прифаќа промена на Законот за експропријација со тоа што си вметнала иста вредност за обесштетување да има за сите градби што би се рушеле, а се на трасата на автопатот. Не знаеме што ќе се гради, како ќе изгледа, каде ќе води и низ чии имоти ќе помине, не знаеме колку шуми ќе се уништат, не ги знаеме роковите, но знаеме дека е од стратешки интерес. Значи, ништо не е предвидено, освен провизиите, се разбира“, истакна пратеничката Петкоска.

Од собраниската говорница пратеничката Петкоска запраша, каков е тој стратешки интерес за кој не се знае каде се трошат нашите пари, дали е стратешки интерес Македонецот да мора да работи 72 часа неделно или можеби стратешки интерес е да плаќаме пет пати поскапи патишта, додавајќи дека очекува одговор од колегите пратеници кои го виделе договорот за градба на автопатиштата.