Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарскиот премиер предложил да има пет работни групи и тоа за економија, инфраструктура, евроинтеграции, култура и историски прашања. Предлага групите да се состануваат секој месец и ако е возможно средбите да не се истовремено, а секоја недела да има заседание на одделна група и да има работни резултати.

Ако тоа биде направено, според Петков, во интензивен период од работењето може да бидат направени и компромиси од двете страни.

„Македонските граѓани со бугарско потекло треба да бидат заштитени од дискриминација и од говор на омраза. Исто така, треба да има и некој инструмент којшто ќе гарантира дека секој таков елемент на дискриминација, ќе биде оценет како неевропски“, нагласил Петков.

Според него, прво нешто што треба да се направи, е да се смени реториката.

„Се разбира, и од другата страна има црвени линии. Не можеме да ги занемариме фактите. Полесно е кога ќе видиме колку може да добиеме и од двете страни, да смислиме можности за нештата кои се прифатливи и за двете страни. Нема да отстапиме од нашите сериозни позиции, ќе можеме многу да добиеме заедно“, потенцираше Петков.

Треба вистинска работа, а не политички слогани, вели Петков, за да се постигне напредок за еден многу краток период.