Скандалот со 10 месечното бебе во градинката во Гевгелија, кое се здоби со тешки повреди и гребаници, за време на дневниот престој во градинката, не добива соодветна разрешница.
Но затоа власта е силна на зборови, па упатува обиди за замолчување на јавноста, со опомена пред тужба“. Ова го изјави на денешната прес-конференција пратеничката Ангелина Петкова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Политичката одговорност со СДСМ на власт, стана мисловна именка, а нивните претставници немаат никакво чувство за морална одговорност.
Имено, директорката во чиј мандат се случуваат неколку скандалозни инциденти, не чувствува вина за настаните. Напротив, обвинува за навреда и клевета и се заканува со тужби.
Па затоа, јавно ја прашуваме директорката Елизабета Стефановска:
Прво, што презеде за да се надминат последиците од скандалот со 10 месечното бебе, и второ, дали се вистинити тврдењата дека, пред одреден период, истите одговорни негувателки, кога таа е директорка, заборавиле заклучено дете во тоалетот.
Воедно, сведоци сме дека извештајот кој го изнесе Министерството за труд и социјална политика на чело со Тренчевска е пристрасен и заштитнички кон сторителите на ова дело.
Изговорот дека станувало збор за “детска игра” меѓу 10 месечно бебе со негови врсници е крајно навредувачки, пред се кон родителите на детето, но и пред јавноста.
Наместо преземање на потребните чекори, институциите на чело со министерката Јована Тренчевска и директорката Елизабета Стефановска, се занимаваат со обид да го прикријат целиот случај, кој предизвика огромен револт кај семејството на детето, но исто така предизвика револт и кај нашите сограѓани.
Министерке Тренчевска, повторно јавно ве повикуваме да ја разрешите директорката Стефановска и да побарате одговорност од сите вклучени во овој случај“, изјави Петкова.
Нерасчистувањето на претходните настани во изминатиот период во оваа институција, направија повторно да се случуваат нови немили настани, додава Петкова.