Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во рамки на Самитот на НАТО кој се одржува во Мадрид беше дел од панел дискусијата „Придонесот на НАТО за безбедноста и стабилноста во неговото соседството“ и на оваа тема дебатираше заедно со министрите за одбрана на Португалија и Бугарија, Хелена Кареирас и Драгомир Заков и претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер.

Како што соопшти Министерството за одбрана, Петровска во своето обраќање нагласи дека овој самит на НАТО е одлична можност да се испрати порака за единство на демократските земји во одбрана на демократијата и нејзините вредности и да се брани меѓународниот поредок врз основа на правила.

-За време на панелот министерката дискутираше за зајакнувањето на долгорочното одвраќање и одбрана на НАТО, а во ера на стратешки натпревар, истакна дека партнерството на НАТО и ЕУ е од суштинско значење за безбедноста и просперитетот на евроатлантската област при што политичкиот дијалог меѓу двете организации останува од суштинско значење за продлабочување на оваа соработка, се посочува во соопштението.

Осврнувајќи се на значењето на регионот на Западен Балкан, Петровска потенцираше дека овој регион е важен дел за европската безбедносна архитектура, како и дека на стабилноста не смее да се гледа како на еднаш засекогаш воспоставен факт.

Петровска додаде дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со сè поголемите надворешни влијанија, како што се хибридните закани, сајбер нападите, информациските манипулативни кампањи кои придонесуваат за подгревање на национализмот.

-Западен Балкан е многу важен дел за европската безбедност и затоа потребно е НАТО заедно со ЕУ и останатите партнери да продолжиме на зајакнување на одбранбените системи, да ги вложиме сите напори за забрзување на реформите, и да се изнајдат иновативни решенија за надминување на отворените прашања за целосна евроатлантска интеграција на Регионот. Сега повеќе од кога било во Евро – атлантската и ЕУ интеграцијата на регионот потребно е да се гледаат како алатка за подобрување на безбедноста, а со самата интеграција директно ќе се придонесе и кон спречување на надворешни хибридни влијанија, потенцира Петровска.

Министерката Петровска додаде дека Република Северна Македонија иако од пред две години е членка на Алијансата, од самиот почеток на мисијата КФОР активно придонесува за одржување на мирот и стабилноста во Косово, но и во Босна и Херцеговина, затоа што стабилноста на Регионот е основен предуслов за развој.

Според Петровска, овие дискусии ќе дадат силен придонес за изнаоѓање соодветни механизми во справувањето со современите закани и предизвици, но истите ќе придонесат и за соодветна и брза адаптација на Алијансата за следната декада.