Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во седиштето на НАТО во Брисел ќе учествува на серија состаноци на Северноатлантскиот совет на ниво министри за одбрана, вклучувајќи го и состанокот на Советот НАТО – Украина, а заедно со министрите за одбрана на единаесет сојузнички земји, меѓу кои Германија, Турција, Холандија, Полска, Данска, како и Шведска како земја-поканета за членство ќе потпише и Писмо за намери за „Зголемување на производствените капацитети на муниција и индустриска отпорност“ преку НАТО Мултинационалната Иницијатива за набавки (муниција), под покровителство на Обединетото Кралство.

На состаноците во седиштето на НАТО ќе се разговара за безбедноста на евро-атлантската област, за подготовките за претстојниот Лидерски самит во Вашингтон на кој ќе се одбележи 75-годишнината од основањето на НАТО, инвестирањето во одбраната од страна на земјите-членки, зацврстувањето на колективната одбрана и одвраќање, како и поддршката за Украина.

Вчера во Брисел, министерката Петровска го потпиша Договорот за придонес во Одделот за јавна дипломатија на НАТО кој овозможува експерти од областа на стратешките комуникации и односи со јавноста во Министерството да дадат свој придонес кон развојот на областа во рамките на НАТО – Алијансата.