Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Струмица ги посети студентите од Факултетот за детективи и безбедност при Американскиот универзитет на Европа – ФОН, кои во периодот од 16 до 20 мај во рамки на својата наставна програма реализираат теренска настава по предметот Топографија и тактика во природни услови со обучувачи од Баталјонот за специјални сили на Армијата.
Обраќајќи им се на присутните студенти, претставници од Факултетот и припадниците на Армијата, министерката Петровска истакна дека соработката со научно-образовните институции е од особено значење за развој на одбраната.
– Ми причинува задоволство што како резултат на Меморандумот за разбирање потпишан меѓу Универзитетот ФОН и нашето Министерство за одбрана со спроведува оваа теренска настава и имате можност уште подобро да се запознаете со оваа област. Она што го учите од книгите е основата на она со што понатаму ќе се соочувате, но овие знаења што ќе ги добиете од нашите припадници ќе ви бидат од многу голема корист, нагласи министерката Петровска.
Како што соопшти МО, за време на реализација на наставата студентите извеле показна вежба извлекување повредени лица при елементарна непогода на непристапен терен, а се обучувале во повеќе тематски единици, меѓу кои ориентација во простор преку користење на природни знаци, пребарување и спасување, логорување, правилно ракување со лично вооружување, читање на траги и друго.
Согласно Меморандумот за разбирање потпишан меѓу Министерството за одбрана и Американскиот универзитет на Европа – ФОН од 2019 година и благодарение на претходната соработка во изминативе години се реализирани повеќе посети на гарнизоните на Армијата во Куманово, Штип и Кичево, каде е реализирана практична настави за студентите од Факултетот за детективи и безбедност при ФОН.