Неговата прес-конференција ја пренесуваме во целост.
-Има ли институција под Заев во која нема сомнежи за злоупотреба и сомнително работење? Дали ова беше причината за укинување на Советот за јавни набавки? Со цел полесно минување на милионски тендери?! Според податоците кои ги објави „Фокус“, Управата за матични книги во март годинава склучила договор за дигитализација на матичните книги во висина од 480.000 евра со фирмата „Новатек Инв“. Сомнеж фрлаат две работи, прво фирмата е формирана само месец дена пред да се јави на тендерот, и второ сумата на договорот во целост се поклопува со проценетата цена на договорот, а која не била објавена во повикот. Ако се навлезе подлабоко, сомнежите стануваат уште посилни. Фирмата е нова, но има работници со големо работно искуство. Управата за матични книги, во тендерската документација пропишала минимални услови за учество на огласот. За разлика од голем број други тендери од овој калибар, Управата не пропишала услов за минимален праг на приходи во период од една, две или три години, со цел да се види финансиската стабилност на фирмата. Не се барале ниту референци како број на сработени проекти и реализирани договори. Но за разлика од условите кои се однесуваат на фирмата, Управата пропишала услови, кои упатуваат на економскиот оператор, како аналитичар, програмер, администратор. Значи имаме услови за работниците, но не и за фирмата. Се фрла сомнеж дека однапред е планирано фирма без портфолио да го добие овој тендер. Имено „Новатек Инв“ е формирана на 11-ти декември 2020 година, односно само три месеци пред да го добие тендерот. Но затоа нејзиниот основач Љирим Фетаи, претходно работел во реномираната „ИТД Дистрибуција“. „ИТД Дистрибуција“ е капитално поврзана со „Инфософт Системс“, која добила од Управата за матични книги исто така тендер, еден ден по склучениот договор помеѓу Управата и „Новатек Инв“ и тоа во висина од 434.000 евра, исплатени на таа фирма за набавка на хардвер. Исто како и во случајот со „Новатек Инв“ и овде имало само еден понудува, истакна Петрушевски.