Вицепремиерот Битиќи рече:
– Задоволство ми е што денеска ги потпишуваме договорите кои се однесуваат за финансиска поддршка на индустријата и операторите за организација на настани, со задолжително ангажирање домашни изведувачи за реализација на настани на теми со кои се одбележува еден значаен јубилеј – 30 години независноста на Северна Македонија. Со оваа одлука, за одобрување на средства од Буџетот на државата во висина од 61 милион и 499 илјади денари, односно околу еден милион евра, наменети за реализација на проекти на 33 компании од оваа дејност, успешно заокруживме постапка со која се помогнати не само економските оператори за организација на настани туку и голем број на домашните изведувачи и подизведувачи кои беа директно погодени од пандемијата во последните година и половина
Тој додаде дека јавниот повик е мерка од петтиот сет и не е единствената поддршка која Владата ја обезбедува за индустријата за организација на настани.
– На вчерашната Владина седница, усвоивме и одлука за мерка од шестиот пакет, која се однесува за директна финансиска поддршка на компаниите од индустријата, за директна финансиска помош во износ од 15.443.661 денари кои ќе бидат исплатени на трансакциските сметки на компаниите кои ги исполнија критериумите, истакна Битиќи.
Генералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири се надоврза на обраќањето на заменик-претседателот на Владата Битиќи и изрази задоволство од бројот на апликациите и од квалитетот на понудената содржина во проектите.
– Навистина ми претставува задоволство да соопштам дека согласно одлуките, со овој повик ќе се поддржат 33 проекти и 33 компании носители на проектите, најмалку петстотини изведувачи на јавните настани, најмалку 130 компании подизведувачи. Јас можам во оваа прилика да кажам дека одзивот не само што беше голем, туку и содржински целосно ги исполни нашите очекувања и планови, потенцираше Зеќири.
Тој уште додаде дека несомнено дадените насоки биле инспирација за многу од компаниите што аплицираа и дека тоа е видливо од шареноликоста на понудените содржини кои на граѓаните ќе им овозможи лето за паметење со свечени настани, фестивали, концерти, проекции, изведби, работилници, изложби, претстави, конференции, сесии, спортски и друг тип настани од јавен карактер, како дел од програмата со која најдостојно ќе се одбележи големиот јубилеј – 30 години независност на Северна Македонија.