Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство очекува добри приноси од годинашната реколта и да се соберат околу 260.000 тони пченица, истакна министерот Арјанит Хоџа на првиот ден од почетокот на жетвата во ЗК „Пелагонија“-Битола.

Хоџа потсети дека годинава се зголемени површините со пченица, а државата продолжува да го стимулира производството на оваа земјоделска култура.

-Обработливите површини под пченица во 2021 година изнесуваат околу 79.000 хектари и тоа е зголемување за 7 насто во однос на 2020 година. Врз основа на податоците од подрачните единици на МЗШВ, оваа година очекуваме просечен принос од околу 3.200 до 3.500 килограми пченица по хектар или околу 260.000 тони пченица, истакна Хоџа.

На отворената манифестација „Деновите на жетва – жито за живот“, министерот Хоџа посочи дека државата ќе продолжи да го мотивира производството на лебно жито доколку се засејува пченица со сертифициран семенски материјал.

-МЗШВ го поддржува производството на пченица затоа што е стратешки производ во нашата држава. Преку програмата за финансиска поддршка во земјоделството издвојуваме 12.000 денари по хектар за засеана пченица со сертифициран семенски материјал. Пченицата како и други житни култури се поекономични доколку се произведуваат на поголеми површини и за таа цел Владата и МЗШВ предвидоа поголема финансиска поддршка за засеана пченица со сертифициран семенски материјал за површини од 5 до 50 хектари, за што обезбедивме финансиска поддршка од 14.400 денари по хектар, рече Хоџа и потврди дека МЗШВ го поддржува производството на житните култури.