Кандидатот за премиер на Бугарија, Пламен Николов предложен од политичката партија „Има таков народ“ ја повлече својата согласност да биде мандатар во писмо испратено до претседателката на Народното собрание Има Митева. Во него тој наведува дека ја повлекува својата согласност да биде изгласан за 56-ти премиер на Бугарија. Таков документ ќе биде доставен до претседателството на државата, јавија бугарските медиуми.

Николов нагласува дека потегот е поради „лични причини“ и предлага утре да не се гласа за предлогот за влада во Парламентот.

Меѓутоа, од Кабинетот на претседателот на Бугарија излегоа со став кој гласи: „Со указот издаден од шефот на државата, уставната постапка за избор на премиер е веќе во решавачка парламентарна фаза“. Таа го постави прашањето дали за Николов не може да се гласа во Парламентот.

Во моментот во Бугарија се разговара од толкувачи на Уставот за процедурата.

Писмото на Николов е резултат на одлуката на „Има таков народ“ – предлог -кабинетот на партијата воопшто не треба да гласа во пленарна сала.

„Без поддршка на протестните партии, ние нема да предложиме влада“, рече лидерот на ИТН, Слави Трифонов во изјава, што беше пренесена во живо на неговиот профил на Фејсбук.

По изборите на 11 јули во најсиромашната држава од Европската унија, кога ја прекинаа политичката доминација на поранешниот премиер Бојко Борисов, што траеше повеќе од една деценија, ИТН стана единствената најсилна партија, но со само 65 места во 240-члениот парламент, и им е потребна поддршка од други партии.

Ова се случи откако „Демократска Бугарија“ ја смени својата позиција и покрај договорот одби да ги поддржи министрите на ИТН. Вчера истото го направи и коалицијата на Маја Манолова и Николај Хаџигенов од „Стани. БГ!Доаѓаме“.

Што и да се случи утре во пленарната сала на парламентот Румен Радев мора да го предаде вториот мандат, јавија бугарските медиуми.

ГЕРБ веќе најави дека ќе го врати веднаш и нема да се обиде да формира влада.

Така започнува трката помеѓу БСП, Демократска Бугарија и „Стани БГ! Доаѓаме“ за трет мандат. Социјалистите најавија дека доколку го добијат, ќе предложат привремената влада да стане редовна. Другите две коалиции соопштија дека ќе задржат некои техничките министри.

„Овие сметки се без крчмар. Без гласовите на ИТН или ГЕРБ, кабинетот на една од трите партии што се борат за мандат не собира гласови“, коментираат дел од бугарските медиуми.