Американскиот претседател Доналд Трамп предложи Ормускиот Теснец да биде преименуван во „Теснец Трамп“. Предлогот го објави на својата платформа „Трут соушал“, во период на исклучително високи тензии околу стратешкиот морски премин меѓу Иран и Оман.

– Сега, откако го контролираме, дали треба Ормускиот Теснец да го преименуваме во „Теснец Трамп“? – напиша Трамп.

Ормускиот Теснец е еден од најважните поморски коридори во светот, бидејќи преку него се транспортира голем дел од светската нафта и течен природен гас. Тој го поврзува Персискиот Залив со Оманскиот Залив, а потоа и со Арапското Море, што му дава големо стратешко и економско значење.

Ова не е првпат Трамп да предлага преименување на позната географска локација. Пред неколку дена тој потпиша извршна наредба со која побара езерото Онтарио, кое се наоѓа на границата меѓу САД и Канада, да биде именувано како „Езеро Америка“.

Потегот предизвика реакции, особено во Канада, каде што езерото со векови е познато како Онтарио.

Со предлогот за Ормускиот Теснец, Трамп отвора прашање за географско име со многу пошироко меѓународно значење, бидејќи теснецот не е под суверенитет на САД.

Предлогот засега претставува политичка порака и не значи дека меѓународно признатото име на Ормускиот Теснец автоматски ќе биде променето.