Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров оствари официјална посета на инспекторите и полициските службеници од ЕВР Ѓорче Петров. Притоа, тој лично им се заблагодари за нивната брза реакција, покажаната професионалност и целосната посветеност во постапувањето по трагичните настани во кои животот го загубија двајца жители на општината.
„Приведувањето на четворицата осомничени е значаен чекор во расветлувањето на случаите што длабоко ја потресоа нашата заедница. Во овие тешки моменти, одговорното постапување на полицијата е од особено значење за безбедноста на граѓаните и довербата во институциите. Изразувам искрено сочувство до семејствата и блиските на починатите. Загубените животи се ненадоместливи, а целосното утврдување на фактите и одговорноста останува обврска на надлежните институции“, вели Стојкоски.
Тој упати јавна порака и признание до инспекторите и полициските службеници од ЕВР Ѓорче Петров за нивниот вложен труд и секојдневната грижа за локалното население, нагласувајќи дека секој човек заслужува да се чувствува безбедно во својот дом и во својата општина.
