Незадоволството во редовите на СДСМ по вчерашните изборни резултати во Брвеница се прелева на социјалните мрежи, каде дел од членството и симпатизерите отворено бараат оставка од лидерот Венко Филипче. Иако Аналитичкиот центар на партијата се обиде да го претстави резултатот на нивниот кандидат како напредок во однос на минатогодишните избори, реакциите под партиските објави покажуваат дека дел од членството не е убедено во таквата интерпретација.

По објавувањето на анализата на СДСМ, во која се наведува дека кандидатот Јовица Радески освоил 706 гласа, наспроти 481 глас на изборите во 2025 година, односно 225 гласа повеќе или раст од околу 46,8 проценти, следуваа критики за актуелното раководство.

Од партијата посочуваат и дека поддршката за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ се намалила за 13 проценти во споредба со изборите во 2025 година. Сепак, за дел од коментаторите ваквото споредување и претставување на резултатот како успех не е доволно оправдување за изборниот пласман.

Незадоволните членови и симпатизери ја отвораат одговорноста на актуелното раководство, а во фокусот на критиките е претседателот Венко Филипче, од кого бараат да си поднесе оставка.

И поранешниот градоначалник на Општина Лозово и актуелен координатор на СДСМ за општинските организации во третата изборна единица, Ацо Велковски по катастрофалните резултати на СДСМ на локалните избори во Општина Брвеница се огласи на социјалните мрежи со објава во која нагласува дека во партијата се потребни промени и дека СДСМ не е ничија приватна сопственост.

Реакциите повторно го актуализираат прашањето за состојбите во СДСМ, внатрепартиското незадоволство и довербата во раководството, особено по изборните резултати кои наместо да донесат смирување, предизвикаа нови критики од дел од членството.