Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва изјави дека партијата остварила победа во првиот круг во над 30 општини низ земјата, истакнувајќи дека резултатите претставуваат силна порака за промени и одлучност на граѓаните.

„Имаме победа во Делчево, победивме во Берово, Битола, Прилеп, Штип, Кавадарци, Гевгелија, Свети Николе, Охрид, Карбинци, Демир Хисар, Градско, Бутел, Ѓорче Петров, Гази Баба, Кисела Вода, Сопиште, Илинден, Петровец, Јагуновце, Велес, Радовиш, Ресен и така натаму“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ има „огромно водство во Скопје“ и дека кандидатот за градоначалник Орце Ѓорѓиевски е „неколку пати пред својот противкандидат“, додавајќи дека победата е извесна во вториот круг.

„Водиме и во Карпош, каде што Сотир се бореше против сите подземни игри. Овие избори се порака и за ДУИ. Кога Али Ахмети говораше дека ќе менувал премиери, реков – почекај, непријатно ќе бидеш изненаден од резултатите. Политиките на етноцентризмот и вештачките теми за орли и зајци се поразени“, изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека по овие избори се отвора прашањето за реформи во опозицијата, но истакна дека не посакува „послушна опозиција“.

„Во вториот круг нема место за поделби, суети и калкулации. Нема мали и големи општини – постојат само граѓани кои сакаат подобар живот“, порача Мицкоски.