Димовски истакна дека политичката нестабилност продолжува и по изборите.

– Избори во Бугарија, политичката нестабилност продолжува. На вчерашните избори има неколку добитници и неколку губитници. Добитници се: ГЕРБ – покрај целата антикампања и притисокот од дома и странство, партијата на Бојко Борисов успеа да победи (со гласовите во Бугарија, без дијаспора), макар и номинално. Демократична Бугарија – единствената партија која успеа сериозно да го зголеми бројот на свои пратеници. ДПС – турската партијата која, иако позиционирана како најкорумпирана, си го зачува своето влијание на бугарската политичка сцена. БСП – бугарските социјалисти кои иако имаат блага надолна линија сепак повторно се партија без која не може да се формира Влада. Губитници се: ИТН – партијата на Слави Трифонов не успеа ниту сега да победи (на територија на Бугарија). Ова е врвот на тоа политичко движење (и ако не успее да формира Влада, а изгледа нема) ќе почне солиден надолен тренд. ВМРО-БНД – партијата на Красимир Каракачанов која иако направи коалиција, ги изгуби дури и оние гласови кои ги имаше пред два месеци. Мутри в`н – антикорупциска партија која го изгуби залетот што го имаше на изборите во април, напиша Димовски.

На реторичкото прашање „што ќе се случи“, тој си одговара со „ништо“.

– До претседателските избори во октомври сè ќе биде исто како и последните месеци. Ќе гледаме само времени решенија. Што може Македонија да очекува: Нема промена на политиките на соседна Бугарија спрема нас. До претседателските избори во Бугарија нема да има концентрирана политичка моќ и волја за отстапки и компромис со нас. Ќе продолжат сериозни обвинувања за корупција и криминал, кој во некоја следна фаза може да опфатат и политичари од Македонија. Што Македонија треба да направи: Да прогласи дека никој, вклучително и Бугарија, нема право да се меша во работите на нашиот идентитет и на градење на нашата свест за историскиот, просторниот и временскиот континиум на засебноста на македонскиот народ на балканските простори, пишува поранешниот пратеник.