Седумдесет и осумгодишен маж од Општината Чешиново-Облешево на 16-ти септември починал по компликации од западнонилска треска, пишува во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Првите симптоми на пациентот почнале на 9-ти септември со намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39 степени. Веќе следниот ден поради појава на вознемиреност, агресивност и губиток на свест пациентот од Кочани е пратен во болницата во Штип. Поради тешката состојба на пациентот и дијагностицираниот енцефалитис, истиот ден е препратен на Клиниката за инфективни болести во Скопје, каде е потврдено заболувањето западнонилска треска“, пишува во извештајот на ИЈЗ.
Како што информираат од ИЈЗ, пациентот починал на Инфективната клиника на 16-ти септември, откако му била влошена состојбата и му била поставена кислородна маска.
Според извештајот на ИЈЗ, од анализите на епидемиологот од Кочани добиени во разговор со децата на починатиот од западнонилска треска, пациентот е пензионер, што живеел во куќа во селото Облешево. Во периодот на инкубација не патувал надвор од државата, ниту, пак надвор од местото на живеење. Од семејството нема други лица со случни симптоми, велат од ИЈЗ.
Ова е четврт регистриран случај на западнонилска треска во земјава, вирус од кој луѓето најчесто се заразуваат по каснување од заразен комарец. Првиот случај годинава е импортиран и е регистриран во април кај жител од Општина Василево. И вотриот случај е импортиран во јули кај жител на Кочани. Третиот случај е автохтон и потврден во август кај жител на Тетово, се вели во извештајот на ИЈЗ.