Почина американската ТВ-ѕвезда од 80-тите Лони Андерсон која глумеше во 65 проекти до 2023
Американската ТВ-ѕвезда од 80-тите, Лони Андерсон, почина вчера напладне во болница во Лос Анџелес. Нејзината смрт е последица на „акутна долготрајна болест“, како што објави нејзината публицистка, Шерил Џ. Кејган. До 2023 година, Лони глумеше во 65 проекти. Таа беше двократно номинирана за наградата „Еми“. Имаше 79 години и утре требаше да го прослави својот 80. роденден.
Лони Кеј Андерсон е родена на 5 август 1945 година во Сент Пол, Минесота, САД. Средното училиште „Александар Ремзи“ во Роузвил го завршила во 1963 година. Во 1964 година, како студентка по уметност на Универзитетот во Минесота, завршила втора на изборот за „Мис Минесота“.
Личниот живот на Лони Андерсон
Лони Андерсон, беше позната и по нејзиниот бајковит брак со актерот Берт Рејнолдс. Тие се венчаа кон крајот на 80-тите и учествуваа заедно во неколку проекти. Сепак, во јуни 1993 година, Рејнолдс ѝ ги врачи документите за развод. Тој јавно ја обвини дека го изневерила и дека не е способна да го одгледува нивниот син Квинтон, кого го посвоија неколку недели по неговото раѓање во 1988 година. Лони, пак, изјави дека Рејнолдс имал друга жена, дека бил зависен од лекови против болки и дека ја злоупотребувал.
Рејнолдс беше трет сопруг на Лони. Во 2008 година, таа се омажи за музичарот Боб Флик.
Изгледот и јавниот имиџ на Лони Андерсон
Лони по природа имаше темна коса, иако многумина ја паметат како русокоса. Таа често зборуваше за својот изглед и како тоа влијаело врз нејзиниот јавен имиџ.
„Обожавав да сум бринета,“ рече таа. „Тоа е егзотично, луѓето не се сигурни од која националност сум – има мистерија. Кога глумев, можев да бидам лошата дама.“