Фудбалска Романија е во тага по веста дека легендарниот фудбалер Дуду Џорџеску почина на 76-годишна возраст. Поранешниот напаѓач во последните години живееше во Торонто, а неговите поранешни соиграчи и ривали испратија бројни пораки со сочувство по неговата смрт.

Како најдобар стрелец во историјата на првата лига на Романија со 252 постигнати гола, тој остави најдлабок белег настапувајќи за Динамо Букурешт, клуб за кој постигна 207 погодоци во 260 одиграни натпревари. За репрезентацијата на Романија настапи вкупно 40 пати и постигна 21 гол.

Џорџеску ја освои престижната Златна копачка на Европа во два наврати, односно во 1975 и 1977 година, оставајќи ги зад себе врвните голгетери како Дитер Милер, Руд Гелс и Бела Варади. Покрај Лионел Меси и Кристијано Роналдо, тој останува единствениот фудбалер кој успеал да постигне 47 или повеќе голови во текот на една лигашка сезона, што доволно сведочи за неговиот извонреден голгетерски капацитет.

Според извештаите на канадските медиуми, надлежните органи веќе започнале истрага со цел да се утврдат точните околности под кои настапила смртта.