Во Гостивар почнаа хиперхлорирањето на водата и испирањето на примарната водоводна мрежа како дел од мерките за справување со епидемијата предизвикана од загадувањето на водоводот. Денеска била исчистена каптажата, а на изворот бил поставен и систем за дополнително хлорирање. Доколку анализите во континуитет покажат чисти резултати, целосно нормализирање на водоснабдувањето и безбедна вода за пиење се очекуваат до крајот на следната недела, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по состанокот на Централниот кризен штаб во Гостивар.
Тошковски, кој раководи со Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, повтори дека новите испитувања на земените мостри потврдиле загадување и присуство на штетни материи. Според него, тоа предизвикало здравствени проблеми кај неколку илјади жители на Гостивар.
„Преземени се технички чекори за чистење и испирање. Денес се изврши чистење на каптажата, односно изворот, и започна испирање на примарната мрежа. Поставен е систем за дополнително хлорирање, односно хиперхлорирање, на водата на самиот извор, со вредност 0,8, што е во рамките на законски дозволениот максимум и нема негативно да влијае врз здравјето на луѓето“, рече Тошковски.
За снабдување на граѓаните со техничка вода досега биле поставени пунктови на 11 локации, а до крајот на денот нивниот број треба да се зголеми на 13. Во текот на денот биле доставени повеќе од 100.000 литри пакувана вода за пиење, исто колку и претходниот ден. Тошковски оцени дека нема недостиг од вода за пиење и најави дека доставувањето ќе продолжи и во наредните денови.
Според мерењата на резидуалниот хлор, до крајот на оваа недела или на почетокот на следната се очекува од чешмите да има сигурна вода за техничка употреба. За враќање на безбедната вода за пиење ќе бидат потребни последователни чисти резултати од анализите.
„Доколку во континуитет добиеме последователни чисти резултати, до крајот на следната недела се очекува целосно нормализирање и враќање на безбедна вода за пиење“, изјави Тошковски.
Тој нагласи дека Кризниот штаб не работи само на моментално надминување на кризата, туку и на долгорочно решение за водоснабдувањето во Гостивар. Целта е да се воспостави стабилен и современ систем за трајна контрола на квалитетот на водата во општината, при што ќе се користат искуствата и техничките решенија применети во Скопје.
На состанокот во Гостивар, покрај Тошковски, присуствувале и неколку претставници на Владата, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, како и градоначалникот на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани.
