Жителите на Крушево не треба да ја користат водата од градскиот водовод за пиење, откако при редовната контрола било утврдено отсуство на резидуален хлор и присуство на бактерии од цревно потекло. Центарот за јавно здравје – Прилеп препорачува граѓаните да користат исклучиво флаширана вода сè додека не бидат добиени три последователни исправни примероци.
За утврдената бактериолошка неисправност веднаш биле известени надлежните државни институции и раководството на Јавното комунално претпријатие „Комуна“ – Крушево. Водата од градскиот водовод може да се користи за лична хигиена, подготовка на храна и миење садови, но само откако претходно ќе се преврие најмалку 10 минути.
Испитувањата направени на 20 јули 2026 година покажале бактериолошка неисправност и кај крајпатните чешми „Бензинска пумпа“ и „Св. Петка“, поради што и водата од овие чешми не треба да се користи за пиење.
Центарот за јавно здравје – Прилеп ќе продолжи да ја следи состојбата и да комуницира со надлежните институции. Јавноста редовно ќе биде информирана за новите резултати од анализите.
