До денес нема независна кандидатура.

Во канцеларијата на Државната изборна комисија во Дебар, која со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа, денеска почна јавниот увид во Избирачкиот список за општина Центар Жупа, каде на 17 април ќе се избира градоначалник.

– Во нашата канцеларија, која е сместена во зградата на општина Дебар, граѓаните ќе може да извршат увид на Изборниот список до 10 март. Во изминатите пет часа нема извршено увид ниту еден граѓанин. Што се однесува до собирањето потписи на граѓани за кандидирање на кандидати за градоначалник кое трае до 27 овој месец, до денес нема пријава на ниту еден кандидат, потврдуваат од канцеларијата на ДИК.

Право на глас во оваа печалбарска општина на изборите во октомври минатата година имаа 7.317 а правото го оствариле 25,77 отсто. Изборот за градоначалник се повторува бидејќи не беше обезбеден потребниот цензус на излезност од 1/3 од вкупно запишаните гласачи.

Во трката за градоначалник беа двајца кандидати, актуелниот, кој третпат ја бараше довербата на граѓаните, Аријан Ибраим, од Турската демократска партија, кој освои 1.342 гласови или околу 72 отсто и Шаин Шаќир од партијата Движење за национално единство на Турците, кој освои 482 гласа или 26 отсто.

Со одлука на Владата на С. Македонија на 14 ноември Ибраим беше наименуван за повереник за надлежностите на градоначалник за оваа општина.

Во Советот на општината, кој брои 11 членови, пет советнички места има Турската демократска партија, по две СДСМ и Движењето за национално единство на Турците и по едно ВМРО-ДПМНЕ и Партијата за движење на Турците.