Со сечење на џиновската пастрмалија, вечерва почна манифестацијата „Штипска пастрмалијада 2023 година“.
Џиновската пастрмалија е приготвена со 16 килограми свинско месо, тестото е долго над два метра, а широко е околу еден метар. За овој познат штипски гурмански бренд, беа ангажирани петмина мајстори.
Штипскиот градоначалник Иван Јорданов и членовите на групата „Некст тајм“ ја отворија манифестацијата.
Јорданов истакна дека е чест да се започне најзабавната и најмасовна манифестација.
– Оваа вечер посакувам добра забава, да има многу изедени пастрмалии. Затоа што штипјани се добри домаќини, но и добри гурмани и убеден сум дека на правилен и вистински начин ќе го презентираме штипскиот бренд, а тоа е штипската пастрмалија, рече Јорданов.
На свеченото отворање присуствува и Доминик Роудс, заменик амбасадор на Велика Британија, кој истакна дека првпат ќе го проба познатиот штипски гурмански бренд.
Вечерва ќе пеат Саша Ковачевиќ, Пајак и Лара, додека утре „Амадеус бенд“, „Љубојна“ една од нашите најреномирани групи, како и хрватската пејачка Даниела Мартиновиќ.
Што се однесува на возилата при влез во градот се организирани екипите на ЈП „Стипион“. Паркингот во градот ќе се наплаќа и утре до 15 часот, а потоа ќе биде бесплатен на секоја паркинг-позиција.