Почна Рамазанскиот пост
Верниците од исламска вероисповед рано изутринава го започнаа Рамазанскиот пост, кој ќе трае 29 дена и ќе заврши на 20 март. Во текот на овој период, од изгрејсонце до зајдисонце, тие се воздржуваат од храна и пијалоци, почитувајќи ги верските прописи.
Духовно прочистување и верска обврска
Според исламската традиција, Рамазан е месецот во кој првите стихови од Куранот му биле објавени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1.400 години. Постот претставува еден од столбовите на исламот и е задолжителен за верниците, со цел нивно физичко и духовно прочистување. Во текот на месецот, верниците се повикуваат да се воздржат од лоши зборови и дела, стремејќи се кон општо човечко и морално издигнување.
Постењето е верска должност за секој полнолетен и здрав муслиман, додека исклучок има за болните лица, бремените жени и оние што извршуваат тешка физичка работа.
Рамазан Бајрам – празник на семејството и заедништвото
По завршувањето на постот, на 20 март се одбележува Рамазан Бајрам, кој трае три дена. Овој празник е посветен на семејството, заедничката трпеза и посетите кај роднините и пријателите.
Рамазан е деветтиот месец од исламскиот календар, а првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник. На 20 март (петок) ќе биде неработен ден за сите граѓани.
