Во моментов се реконструира училишниот двор, со средства обезбедени од општината во вредност од 1.979.947 илјади денари. На објавениот јавен повик избрана е компанија од Скопје. Во тек е реконструкција и на училишниот ѕид, за што општината одвои 3.171.958 илјади денари. На јавната набавка, за изведување на градежните активности избрана е компанија од липковското село Отља.
Надлежните од училиштето очекуваат да заврши и тендерот за замена на вратите на 54 училници, кабинети канцеларии, тоалети, во училиштето, проект кој е финансиран од општината.
– Неделава потпишавме и договор помеѓу Министерството за образование и наука, општина Куманово односно сектор за образование и училиштето за почнување на реконструкција на нашето училиште во рамки на проектот на МОН „Реконструкција на училишни објекти на основни и средни училишта“. Очекуваме наскоро да почне реконструкција на фасадата, да се смени внатрешната и надворешната столарија и да се адаптира тоалет за ученици со попреченост. Сите овие проекти значително ќе придонесат за подобрување на квалитетот на изведување на наставата, изјави директорката Мила Жибак Димковска.
Претходно, беа избрани и компании за поставување на греење во двете училишни спортски сали во централното и дисперзираното училиште во населбата Бедиње.
– Со овој значаен проект ќе обезбедиме оптимални услови за изведување на наставата по спорт и спортски активности, изјави Жибак Димковска.
За поставување на греење во двете сали, општината одвои 4. 720 000 денари. Во „Перо Наков“ настава следат над 800 ученици на македонски и албански наставен јазик.